Законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, стапува на сила од 15 ноември и истата е со важност до 15 Март следната година.
Согласно член 361 став (1) од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/15), последиците од непочитување на оваа законска обврска се казна за возачот во износ од 45 евра во денарска противвредност или 25 негативни поени во возачката книшка. Воедно полициски службеник може да нареди прекин на натамошното движење на возилото, или задолжително да ја постави зимската опрема на возилото.
Што е дефиниција за „зимска опрема“ според македонскиот закон:
– За моторните возила со најголема дозволена маса до 3,5t задолжителна опрема се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 4mm, а ако имаат летни гуми со 4mm длабочина на шарата, обврзани се да поседуваат синџири за снег кои одговараат на големината на погонските тркала.
– За моторните возила со погон на сите тркала (4×4), пак, се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 6mm или летни пневматици со минимална длабочина од 4mm доколку возилото поседува синџири за снег најмалку за задната осовина во случај кога има постојан погон на сите тркала, или синџири за снег најмалку за погонските тркала кога возилото има преклопив погон.
– За моторни возила чија најголема дозволена маса надминува 3,5t задолжителни се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 6mm, а ако има летни пневматици со минимална длабочина на шарата од четири милиметри, треба да има и соодветни синџири за снег.
– Автобусите и товарните возила кои не можат да постават синџири на тркалата задолжително треба да поседуваат зимски пневматици на погонските тркала како и прирачен алат – лопата.
На бочната страна на зимските пневматици ги има ознаките „МS“, „М+S“, „М&S“ како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Забрането е поставување пневматици со клинци.