БЛОГ

ДИЛЕМА: ШТО ТОЧНО МИСЛИШ КОГА ВЕЛИШ MS ГУМИ?

Во нашата долгогодишна пракса секојдневие е барањето за „MS“ гуми, при што дел од купувачите притоа мислат на зимски гуми, а дел на гуми за сите сезони.  Да ја расчистиме конфузијата.

ДАЛИ ГУМИТЕ ШТО НОСАТ ОЗНАКА MS СЕ ЗИМСКИ?

Веројатно ДА.  Ознаката M+S или MS или М&S потекнува од англиските зборови mud (кал) и snow (снег).  Но, важно е да се каже дека производителот може да ја стави оваа ознака на гумата, но притоа нема гаранција дека гумата следи одредени стандарди за употреба во зимски услови (производителот нема одговорност). 

Но, како тогаш да препознаеме зимска гума? 

КАКВИ ОЗНАКИ НОСАТ ЗИМСКИТЕ ГУМИ?

Вистинската зимска гума мора да го содржи знакот со планина со три врва и снегулка.  Само таа гума е тестирана за зимски услови и ги исполнува потребните стандарди.  Дали ваква ознака носат и гумите за сите сезони?  ДА.


ДАЛИ ГУМИТЕ ШТО НОСАТ ОЗНАКА MS СЕ ЗА СИТЕ СЕЗОНИ?

Не! Овие гуми може да ја содржат оваа ознака како дополнително означување, но ознаката самa по себе не означува дека се работи за гума за сите сезони:  и зимските гуми може да ја содржат истата ознака. Гумите за сите сезони мора да го имаат знакот планина со три врва и снегулка, за да бидете сигурни дека добро ќе се однесуваат на снег и кал.  Ознаката MS можат, но и не мора да ја имаат.  Па, како ќе знаете дали гумата е зимска или за сите сезони?  Според дезенот.  Производителите прават посебни дезени за сите сезони, кои се одликуваат со посебен дизајн на шарата и посебна смеса адаптирана и на зимски и на летни услови.  На пример:  Fulda MultiControl, Sava Adapto, или Sava All Weather, или Goodyear Vector4seasons.  Понекогаш, самиот назив содржи информација дека се работи за гума за сите сезони, но не секогаш.  Ако не сте сигурни, информирајте се кај продавачот.

 

КАКВИ УНИКАТНИ ОЗНАКИ НОСАТ ГУМИТЕ ЗА СИТЕ СЕЗОНИ?

Обично овие гуми се означуваат со симбол сонце со облак. Но, овој симбол обично не стои на гумата, туку на писмените или електронски презентации за гумата.

Зимска гума Goodyear Ultra Grip+ SUV MS

ШТО, ТОГАШ, ЗНАЧИ ИЗРАЗОТ „МS ГУМА“?

Ознаките MS, М+S, M&S се застарени и незадолжителни ознаки на гумите.  Вистинскиот знак кој определува дали гумата е тестирана за зимски услови е симболот планина со три врва и снегулка.  Од друга страна, во секојдневниот говор изразот MS се употребува да се означи гума што е приспособена за возење и на кал и снег;  но такви се и зимските гуми, а и гумите за сите сезони.  Затоа, потребно е да се биде попрецизен.

ШТО Е РАЗЛИКАТА ПОМЕЃУ ALL-WEATHER И ALL-SEASON ГУМИ?

А зарем има разлика?  И да и не;  зависи на кој континент. 

All-weather означува „гума за сите временски услови,“ а „All-season“ – гума за сите годишни времиња.  Звучи исто, но не е;  ова е само превод.  Реалноста е малку поинаква.

На Американскиот континент се користи терминот All-season, кој означува гуми кои се соодветни за употреба во тек на сите годишни времиња, но најдобри се во 3 од 4-те годишни времиња (пролет, лето, есен).  Значи, ако живеете во топли краеви, без снег, веројатно овие гуми ќе бидат добри за Вас – во тек на целата година.  Но, при ниски температури и снежни врнежи, т.н. „All-season“ или попрецизно „3-season“ гуми, ќе мора да ги замените со зимски.  Од друга страна, изразот „All-weather“ е настанат како резултат на обидот на Европските производители на гуми да создадат добра гума која ќе биде со добри перформанси на снег и ниски температури, но која ќе може да ја возите и во лето.  „All-weather“ гумите се носители на симболот „планина со 3 врва и снегулка“ кој означува дека гумата ги поминала барањата за перформанси во тешки зимски и снежни услови;  кај т.н. „All-season“ гуми, тоа не е случај.

Попросто кажано, „All-season“ гумите се поблизу до летни гуми, а „All-weather“ се поблизу до зимски.

Како и да е, кога на Европскиот континент ќе се каже „All-season“ или „All-weather“ или „гума за сите сезони“ или „гума за сите годишни времиња“ – се мисли на иста работа:  гума која ги исполнува критериумите за тешки зимски и снежни услови и затоа е носител на симболот „планина со 3 врва и снегулка.“ Разграничувањето на терминологијата погоре го направивме само како појаснување на читателот, а истото не е ни релевантно за нашиот континент. 

Како и да е, кога на Европскиот континент ќе се каже „All-season“ или „All-weather“ или „гума за сите сезони“ или „гума за сите годишни времиња“ – се мисли на иста работа:  гума која ги исполнува критериумите за тешки зимски и снежни услови и затоа е носител на симболот „планина со 3 врва и снегулка.“ Разграничувањето на терминологијата погоре го направивме само како појаснување на читателот, а истото не е ни релевантно за нашиот континент.  На пример, Goodyear групацијата неодамна пушти на пазарот „All-season“ гума („гума за сите сезони“) SAVA ALL WEATHER, којашто е гума за сите сезони (за сите годишни времиња) и е носител на симболот „планина со 3 врва и снегулка,“ a буквалниот превод на дезенот All weather означува „гума за сите временски услови.“