БЛОГ

Колку „стара“ смее да биде новата гума?

Некогаш може да се најдеме во ситуација да ни понудат нови гуми чиј датум на производство е 1 или 2 години пред денот на кој ја добиваме понудата (значи новата гума е „стара“ 1 или 2 години во моментот кога ја купуваме).

Дали е тоа во ред или тоа значи дека гумата веќе не е како што треба да биде?

Некои купувачи инсистираат на „тазе“ произведени гуми, а некои, пак, воопшто не се информирани на оваа тема.

Да видиме како се гледа датумот на производство на гумите.

Секоја гума има т.н. DOT број (код), кој меѓу другото, го покажува и датумот на производство.  Последните 4 цифри од DOT кодот ја покажуваат неделата и годината на производство на гумата.  На примерот од сликата тоа е 3909.

Тoa се броевите кои нас не интересираат.  Овие броеви значат дека гумата е произведена во 39-тата недела од 2009та година.  Ако имаме во предвид дека годината има 52 недели (365 дена : 7 = 52,14), ќе знаеме дека 39-тата недела е во втората половина на годината и тоа веќе негде кон крајот.

Е сега доаѓаме до главната тема, дали нови гуми чиј датум на производство е 1 или 2 години пред денот на купување – се добри за возење и дали е паметно да се купат такви гуми.

Препораките на производителите на гуми се дека, се додека гумата се чува на темно место, во правилна позиција и заштитена од влијание на хемикалии, сосема прифатливо е новата гумата да е со датум на производство до 2 години од датумот на купување.  Тоа значи дека, ако сега е октомври 2020год., и купиме гуми произведени во октомври 2018год., тие се сосема во ред во поглед на нивните возни својства и ќе имаат полна фабричка гаранција од 3 години.

Дури, при набавката на гуми од фабрика, воопшто не е возможно да се добие ни информација за датумот на производство на гумите, ниту пак да се преферира одреден датум на производство.  На пример Goodyear Dunlop Sava Tyres корпорацијата (која е производител на брендовите Goodyear, Dunlop, Fulda, Sava, Debica, Voyager, Kelly, Diplomat) има едноставно правило:  тие испорачуваат гуми „не постари од 2 години“ (иако во пракса многу ретко се случува од фабрика да се испорача гума постара од 6 месеци, но правилото е тоа!).

Потоа, во складиштето на увозникот/дистрибутерот гумите ќе поминат уште одреден период додека да се најдат намонтирани на Вашите тркала, а се додека тој период е до 2 години од денот на производство, Вие сте безбедни.

Затоа, инсистирањата да добиеме „тазе“ произведени гуми можат да најдат оправдување само во околноста дека со возилото поминуваме нестандардно мал број на km годишно, и гумите попрво ќе „остарат“ одошто ќе се истрошат.  И, не заборавајте дека гаранцијата важи од денот на купување, а не од денот на производство на гумата.

Со оглед на тоа, следен пат кога ќе купувате гуми, не грижете се ако гумата е произведена една или две години пред актуелната, бидејќи тоа се смета за нормална работа во овој бизнис, а од друга страна – нема да има никаков ефект врз нивните перформанси, ниту врз Вашите гаранциски права.