На секој од нас, без разлика дали сме фанатици на возењето или тоа го правиме како обврска, еден од највисоките приоритети ни е безбедноста кога патуваме. Старите, истрошени гуми се голем ризик за безбедноста, и поради тоа е многу важно да знаеме да процениме дали гумите се за менување или не.
(1) Проверка на оштетувања.
Гума со оштетувања е секогаш ризик да се вози, независно од тоа колку е нова и неистрошена. Визуелната проверка е основен начин да утврдиме дали гумите имаат некакво оштетување. Но, нека не ве залажува надворешниот изглед на гумата. Од надвор можно е да делува како да е се во ред но од внатре може да има оштетување. Затоа паметно е повремено да се направи проверка во сервис.
(2) Проверка на длабочината на шарата.
Законски не е дозволено длабочината на шарата на гумите да е помала од 1.6 mm за летни и 4 mm за зимски гуми, но препорачливо е да не се чека „до крај,“ зашто, иако нема да сме во опасност пред законот, сепак на тоа ниво на длабочина на шарата, гумата е со намалена управливост на мокар пат, поради плитките бразди во шарата, а со тоа е загрозена и нашата безбедност.
Еден начин на проверка е со визуелна проверка на „мерачите“ за потрошеност коишто самата гума ги има на себе како на сликата.

На долната слика со сина боја за полесно распознавање се обоени „мерачите“ – индикатори за истрошеност на гумата
Со помош на овие мерачи можете да видите во каква состојба е гумата. Кога гумата е нова мерачите се длабоко во шарата на гумата. Како што гумата се троши, така шарата доаѓа се поблизу до мерачот, а кога веќе ќе се израмни со мерачот тогаш веќе е време за промена на вашите пневматици.
Длабочината на шарата може да се измери и со едноставен мерач, кој честопати го среќаваме во форма на приврзок. Или, пак, дозволете тоа за Вас да го направат професионалци, при што оваа услуга е по обичај – бесплатна.
(3) Проверка на старост на гумата.
Ако гумата има доволна длабочина на шарата не значи дека не е за менување. Значаен фактор е и нејзината старост. Стара гума е исто толку лоша како истрошена гума. Независно од длабочината на шарата, ако гумата е постара од 6 години, поради природниот процес на зреење на каучукот кој е вграден во неа, таа е веќе премногу стврдната, крута, односно „пластична“ и во тој случај и да има длабока шара, ќе го нема потребниот коефициент на триење на патот.
Покрај укрутувањето друг проблем е што самите платна на гумата ослабнуваат и не се повеќе толку издржливи како што биле, што значи дека и при мал удар на дупка, тротоар или некој предмет, таа лесно би попуштила.
Ако било која од трите опишани проверки упатува на заклучокот дека гумите се за менување – препорачуваме да не ја одложувате одлуката – oдговорноста за животот и безбедноста на луѓето која ние како возачи ја имаме – не е само безбедно возење, туку и грижа за возилото, во рамки на која грижата за гумите и грижата за сопирачките се основни.